Новак Ѓоковиќ во последните години даваше најразлични идеи за зголемување на популарноста на тенисот, а последната е навистина интересна – организација на тениски олстар што би се одржал во Лос Анџелес.
Американскиот тениски новинар Џон Вертхајм како гостин на подкастот на Енди Родик откри повеќе детали за овој проект за кој подготовките веќе земаат замав.
„Сите сакат тениски олстар, зарем не. Натпреварување во вештини, мажи, жени, одделно и сите заедно – да го славиме нашиот спорт. Знаете ли кога би било најдобро време за тоа? Непосредно пред Индијан Велс, сите се среќни, доаѓаат во Калифорнија. Се бара и точна локација во Лос Анџелес. Ова не се само празни разговори и идеи, некој навистина преговара на оваа тема, веќе имаат направено и лого, водени се разговори со спонзори и со официјални тениски претставници“, открива Вертхајм.
Потоа, тој говореше и за улогата на Новак Ѓоковиќ во целиот проект, како и датумот кога истиот би можел да биде стартуван.
„Не само што на Новак му се допадна идејата, тој сака да го преземе целиот проект. Ѓоковиќ секогаш барал начини да ги вклучи тенисерите, сегашни и поранешни, во одлуките за спортот, но знам дека во целата приказна гледа и како на паметна бизнис одлука. Кој не би сакал да гледа како Коко Гауф стрела во мета или колку брзо трча Радукану, натпревар кој сервира најсилно… Новак баш се загреа кога му беа презентирани плановите и идеите. Тоа е проект на кој се работи, знам дека се бара локација во овој дел од земјата, верувам дека може да се стартува веќе во 2025 година“, вели американскиот новинар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

