Серијата од десет победи на Интер во Калчо-лигата беше прекината вечерва откако „нероаѕурите“ одиграа само 1-1 против шампионот Наполи. Избраниците на Симоне Инзаги не беа во посакуваниот ритам, и со такво издание долго време имаа предност, но беа казнети со гол во финишот. Успехот на Наполи е уште позначаен ако се знае дека гостите насптапија без најдобриот стрелец Виктор Осимен, кој е повреден.
Интер беше подобар противник на стартот, Мерет имаше неколку успешни интервенции, но голманот на Наполи беше немоќен пред крајот на првиот дел кога Дармијан втрча одлично во шеснаесетникот и со силен удар ја смести топката во мрежата.
Како што одминуваше времето во вториот дел „наполитанците“ се почесто се селеа во противничката половина, а одлуката на Интер да го чува водството на крајот беше скапо платена, откако дефанзивецот Жезус се најде осамен на вториот дирек и без проблеми го совлада Зомер.
Интер и покрај денешното реми има одлична предност од 14 бода во однос на вторпласираниот Милан. Наполи со вечерашниот бод се најде на седмата позиција, со дури 31 бод заостанување зад „нероаѕурите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА