Арапите тврдат: Салах ќе му биде соиграч на Кристијано Роналдо

Ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах веќе подолго време се поврзува со трансфер во Саудиска Арабија каде неколку клубови се сериозно заинтересирани за неговите услуги нудејќи му на премиерлигашот и над 100 милиони евра.

Ливерпул ги одби Саудиците во јануарискиот преоден рок, но се чини дека нема така лесно да одолее на новите понуди кои се очекуваат на лето поготово доколку се земе во обѕир сумата која се нуди, годините на Салах и новата ера во која влегува клубот со заминувањето на Јирген Клоп.

А, пак добро упатениот аналитичар за саудиското првенство, Тарик Ал-Џалама во гостување на телевизија во Саудиска Арабија го откри и неговиот следен клуб во егзотичното првенство.

„Верувам дека Мохамед Салах следната сезона ќе го гледаме во „жолто-син“ дрес“, изјави аналитичарот алудирајќи на негов потпис за Ал Наср за кој настапува и Кристијано Роналдо.

Салах е дел од Ливерпул од 2017 година. Досега настапи на повеќе од 330 натпревари во „црвениот“ дрес, а оваа сезона продолжи со блескавите настапи забележувајќи 15 голови и 9 асистенции на 22 натпревари во Премиерлигата.

Се вчитува...