Расистичкиот скандал во Серија А е главна тема во италијанските медиуми. На дербито меѓу Интер и Наполи, дефанзивецот на гостите Хуан Жесус се пожали дека бил навредуван од дефанзивецот на домашната екипа Франческо Ачерби. После тоа, италијанскиот селектор Спалети го тргна Ачерби од списокот и наместо него повика друг играч.
По тој повод зборуваше и Ачерби. Тој беше пречекан од новинарите во Милано кога се врати од репрезентативниот камп.
„Смирен сум и знам дека сум невин затоа што никогаш не сум кажал ништо расистичко. Професионалец сум 20 години, знам што зборувам и никогаш не ми излегол расистички збор од уста. Им порачувам на расистите и на расизмот да си легнете и најмногу ми е жал во оваа ситуација што нема да играм за репрезентацијата на натпреварите овој месец. Жезус нешто погрешно разбрал. На теренот си кажуваме секакви работи во текот на играта, тоа е фудбалот. Но, кога ќе заврши натпреварот, си подадовме рака и се е како порано“, изјави Ачерби.
Жезус веднаш реагираше на оваа изјава со порака на Инстаграм:
„За мене случајот беше завршен на теренот кога Ачерби ми се извини. Би сакал да не се навраќам на таа тема, но изјавата на Ачерби е сосема поинаква од она што се случуваше на теренот. Затоа не можам да молчам, бидејќи расизмот мора да се победи сега и веднаш. Ачерби ми рече: „Црни, оди! Ти си само црнец.“ Откако му го пријавив на судијата што рече, тој ја призна вината и се извини. Подоцна додаде: „Знаете, за мене „црното“ е само една од навредите што ги кажувам за време на игрите.“ Сега тој ја промени својата приказна и вели дека не ме навредил“, напиша Жезус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА