Се е подготвено за коренити промени во фудбалската игра откако е направен нов чекор напред кон промена на правилото за офсајд. Поборник за ова правило е легендарниот тренер Арсен Венгер кој е предводник на групата што работи под контрола на ФИФА, а главна задача и е да смислува иновации во светскиот фудбал.
Откако правилото за „син картон“ беше отфрлено од страна на Џани Инфантино, новото правило за офсајд ја има поддршката на водечките луѓе на ФИФА кои се подготвени за коренити промени со кои би се помогнало фудбалот да биде уште поофанзивен и би им се излегло во пресрет на напаѓачите.
„Правилото на Венгер“, како што е наречено во јавноста, значи дека за еден фудбалер да е во офајд, тој ќе мора со целото свое тело да биде зад противничкиот играч. Во моментов ако играчот во напад со било кој дел од телото со кој може да постигне гол (нога, рамо, глава) се наоѓа милиметар зад противничкиот фудбалер, тоа е автоматски офсајд, па јасно е дека со новото правило што го предлага Арсен Венгер офанзивниот играч би имал далеку поголема предност.

Иницијативата веќе ги имаше првите тестирања минатиот ноември, на различни младински турнири во Шведска и во Италија. Реакциите се максимално позитивни, се најавуваат нови тестирања во следните девет месеци, по што во февруари 2025 Комисијата предводена од Венгер ќе испрати свој официјален предлог до ФИФА, поткрепен со резултатите од сите тестови.
Потоа, светската куќа на фудбалот ќе пресече за коренити промени што би можеле да почнат да се применуваат од 2026 година. Неофицијалните информации велат дека раководните луѓе во ФИФА се подготвени да ја истуркаат реализацијата на оваа идеја што се смета за позитивна за развојот на светскиот фудбал, но останува да се види дали и кога тие зборови на поддршка ќе се претворат во конкретни дела.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

