Преселбата на Килијан Мбапе во Реал Мадрид е веќе завршена работа и се чека само еден од двата тима (Реал или ПСЖ) да испадне од Лигата на Шампионите за овој мегатрансфер да може да биде официјализиран.
Главното прашање што се поставуваше во изминатиот период е колку пари ќе жртвува Мбапе за да се пресели во Реал, ако се знае дека во ПСЖ имаше огромна плата од над 60 милиони евра годишно плус бонуси. „Кралевите“ немаат намера да го израмнат тоа свесни дека на тој начин би го нарушиле сопствениот систем на плати и би создале незадоволство кај остатокот од екипата.
Флорентино Перез сепак најде решение и за овој проблем, па така Мбапе ќе добие 100 милиони евра како бонус за самиот договор со Реал Мадрид на денот на комплетирање на трансферот.
Згора на тоа, тој ќе има и повисок процент од имиџ-договорите за себе, но за возврат Мбапе се согласил да зема плата во рангот на најплатените во екипата, Џуд Белингем и Винисиус. Овие двајца вклучувајќи ги и бонусите земаат околу 24 милиони евра годишно, сума што ќе ја инкасира и Мбапе, која би можела да биде зголемена само доколку Французинот се закити со „Златната топка“, за која ќе постои специјална клаузула во договорот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

