Македонија доби одлична група во квалификациите за ЕП 2026 откако „црвено-жолтите“ на денешната ждрепка беа извлечени како дел од групата 1, заедно со селекциите на Словенија, Литванија и на Естонија.
Со оглед на фактот дека пласман на ЕП обезбедуваат двете најдобри селекции од секоја група, плус четирите најдобри од вкупно осумте групи од овој квалификациски циклус, јасно е дека нашата национална селекција има огромни шанси да обезбеди пласман на уште еден континентален ракометен собир.
Веднаш е познат и распоредот на натпреварите во новиот квалификациски циклус што ќе стартува во октомври 2024 година. Во првото коло Македонија ќе биде домаќин на аутсајдерот Естонија, по што ќе следи гостување против селекцијата на Литванија. Доколку се стигне до победи на овие две средби, „црвено-жолтите“ би направиле џиновски чекор кон уште едно големо натпреварување.
Двомечот со Словенија ќе биде закажан за март 2025 година, додека финишот на овој квалификациски циклус ќе биде во мај следната година, кога најпрвин ќе гостуваме во Естонија, по што ќе следи и домашен натпревар против селекцијата на Литванија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА