Панатинаикос го продолжи својот триумфален поход во Евролигата со голема домашна победа над Барселона, изразена со конечните 89-81. Триумфот на „зелените“ е уште поголем ако се знае дека Барса целосно доминираше во првото полувреме, во кое каталонскиот гигант во две ситуации имаше „плус 15“, но потоа во вторите 20 минути можеше да се проследи фуриозен настап на избраниците на Ергин Атаман. Приодите кон сопствениот кош беа одлично затворени, додека на спротивната страна профункционира и шутот на ПАО, па грчкиот гигант уште во третата четвртина дојде во водство, а во последните десет минути целосно се одлепи и заслужено триумфираше со конечните „плус осум“, за искачување на второто место на табелата.
Кендрик Нан беше најефикасен со 22 поени, Слукас постигна 18 поени и 8 асистенции, додека Лесор го заврши мечот со 13 поени, седум скока и четири асистенции. Кај Барселона најеификасни беа центрите Хернангомез и Весели со по 13 поени.
Победничката серија ја продолжи и Макаби, и тоа со гостински триумф во Минхен над Баерн со 74-89. Баварците се вратија од двоцирена негатива и со одличната трета четвртина (27-15) во последните десет минути влегоа со само еден поен негатива (62-63). Сепак, четвртиот период мина во апсолутна доминација на израелскиот гигант, кој на крајот славеше со преубедливи 15 поени разлика.
Резервниот центар Риверо беше одличен со 17 поени, Болдвин и покрај слабиот шутерски ден стигна до 15 поени, додека прв стрелец на Баерн при вечерашниот пораз беше Болмаро со 21 поен.
Милано во драматичен дуел славеше над Фенербахче со 77-76. Италијанскиот тим имаше водство во текот на целиот меч, Фенер се врати од двоцифрена негатива, но Шилдс и Миротиќ донесоа триумф на екипата на Еторе Месина иако гостите од Турција имаа водство од 70-73 на помалку од две минути до крајот. Николо Мели блескаше во првото полувреме и го заврши мечот како најдобар стрелец на Милано со 17 поени, два повеќе од Никола Миротиќ. Најефикасни кај Фенербахче беа Вилбекин со 15 и Мотли и Биберовиќ со по 13 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА