Свен Горан Ериксон со години важеше за тренер од самата светска елита, а легендарниот Швеѓанец неодамна се најде во центарот на вниманието со тажна вест – дека му остануваат само уште неколку месеци живот бидејќи боледува од карцином. Тој откри дека има една неисполнета желба – да го води Ливерпул, по што англискиот гигант реагираше на фантастичен начин и го повика Ериксон да биде тренер на тимот на легенди на „црвените“ на ревијалниот дуел со легендите на Ајакс што ќе биде одигран денеска на „Енфилд“.
Швеѓанецот во интервју за медиумите на „островот“ говореше на најразлични теми, осврнувајќи се и на борбата со болеста од која за жал не може да излезе како победник.
„Го цениш секое утро кое се будиш и се чувствуваш добро. Инаку тоа не го правиме, ги земаме работите здраво за готово, но ќе дојде момент кога сфаќате колку е важно здравјето. Кога ми открија од што болувам бев во шок бидејќи немаше преголеми симптоми. Сепак, после некое време научив да живеам со болеста. Денеска живеам нормален живот и не размислувам многу за тоа што ќе се случи утре или задутре. Ако гледам така би морал да седам и да се сожалувам,а не сакам така да живеам. Најверојатно не можам да ја победам болеста, но животот е прекрасен и настојувам да уживам во него се додека можам“, изјави Ериксон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

