Лацио денеска на официјална прес-конференција го претстави Игор Тудор за нов предводник на стручниот штаб, откако претседателот Клаудио Лотито го избра токму хрватскиот стратег за наследник на Маурицио Сари.
Тудор не го криеше задоволството што седнува на клупата на овој тим, за кого самиот вели дека е дел од елитата на италијанскиот фудбал.
„Лацио е многу важен тим во Италија, тоа е гарантирано. Кога ќе те побара Лацио, нормално е да посакаш да заминеш таму. Не размислував премногу, брзо се договоривме и среќен сум што сум денеска овде. Ме радува што се враќам во Италија, овде има одлична култура на работа, тренинзите се напорни, но фудбалерите се желни за работа и напредок“, изјави Тудор.
Италијанските медиуми информираа дека Хрватот планира да ја промени досегашната формација што ја применуваше Маурицио Сари, па „лацијалите“ во иднина ќе играат со тројца дефанзивци во линија.
„Имам огромна почит кон Сари, кој испиша историја со својот стил на фудбал, па затоа нема да коментирам за минатото. Размислуваме само за иднината, можеби ќе бидеме со тројца во линија во дефанзива, можеби со двајца класични напаѓачи. Одржав само неколку тренинзи, секој тренер треба да се адаптира и да го извлече најдоброто од групата што ја има на располагање. Затоа, сега не би можел да дадам конкретен коментар за формацијата“, прокоментира новиот стратег на „лацијалите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА