Раководството на Јувентус минатото лето неуспешно се обидуваше да го продаде Душан Влаховиќ, но „црно-белите“ од Торино во меѓувреме го променија ставот, па сега сакаат да го задржат српскиот голгетер како една од клучните фигури во новиот проект што најверојатно од следната сезона ќе стартува со нов тренер откако Масимилијано Алегри не воодушеви со игрите на овој тим сезонава.
Јуве веќе неколку месеци се обидува да потпише нов договор со одличниот голгетер, но тоа се чини како огромен проблем ако се земат во предвид неуспесите во разговорите меѓу двете страни. Последната рунда беше одржана на стартот од оваа репрезентативна пауза, но двете страни останале значително оддалечени во понудата и побарувачката.
Конкретно, Јуве му понудил на Влаховиќ шест милиони евра загарантирана годишна плата, плус два милиони евра со бонуси што се опишуваат како лесно остварливи. Србинот од друга страна останува доследен на барањето за 10 милиони евра годишно во следните четири сезони. Иста сума бара и Лаутаро Мартинез од Интер, а Влаховиќ очигледно се гледа себе си на исто ниво како аргентинскиот голгетер, нешто што е неразбирливо за раководството на Јувентус.
„Црно-белите“ најавиле нови преговори за следниот месец, но доколку наскоро не биде најден заеднички јазик Влаховиќ во текот на летото ќе биде ставен на трансфер-листа и за неговите услуги ќе се бараат 60 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА