Тиквеш е првиот учесник на завршниот турнир од Купот на Македонија откако кавадарчани славеа во својата група, што се играше токму во салата „Јасмин“. Откако во полуфиналето рутински го совладаа Е. Пелистер 2, ракометарите на Тиквеш вечерва во финалето од групата беа подобри и од Мулти Есенс тримфирајќи со 32-28.
Избраниците на Раде Стојановиќ како големи фаворити влегоа во финалето, но младиот состав на Мулти Есенс добро им парираше останувајќи во игра во голем дел од овој натпревар. Тиквеш се одлепи на 7-3, но веднаш следеше камбек на Мулти Есенс и израмнување на 8-8. Кавадарчани заминаа на одмор со водство од 16-14, потоа дополнително се одлепија на стартот од второто полувреме, по што рутински ја задржаа предноста до самиот крај.
Стефановиќ, Мајиќ и Манасков со по пет погодоци беа најефикасни во победничиот табор, додека Михаил Костовски со седум гола беше најистакнат поединец во таборот на Мулти Есенс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА