Бразил славеше како гостин на „Вембли“ против Англија со 0-1 на пријателскиот меч што се одигра вечерва, во кој човек на одлука беше 17-годишниот Ендрик. Новиот „бисер“ на Реал Мадрид влезе во игра во второто полувреме и на десетина минути пред крајот се најде на вистинско место во вистинско време, уфрлајќи ја одбиената топка по ударот на Винисиус во мрежата на „гордиот албион“.
Англичаните имаат за што да жалат ако се знае дека со играта доминираа во однос на „кариоките“, но се мачеа да искреираат стопроцентна шанса за гол. Бразил пак во првиот дел имаше три зицери, но ударот на Винисиус беше запрен пред самата гол-линија од Кајл Вокер, Пакета го погоди дирекот, додека Рафиња не успеа да ја казни големата грешка на Мегваер шутирајќи крај голот.
Во сличен стил се продолжи и во второто полувреме, Бразилците со затворена формација чекаа шанса од контранапад, а во 80. минута конечно беа прецизни… Винисиус излезе очи в очи со Пикфорд, англискиот голман го запре неговиот удар, но на одбиената топка натрча Ендрик и го доведе Бразил во водство. Со овој гол, Ендрик стана и најмлад фудбалер што некогаш успеал да постигне гол на „Вембли“.
Англија се обиде да стори нешто повеќе во финишот, но поради бројните замени избраниците на Саутгејт не можеа да велзат во ритам, губејќи го овој меч од реноминараниот противник со минимални 0-1.
Во 95. минута Ендрик имаше стопроцентна шанса и за втор гол, но неговиот обид беше запрен од англискиот голман, непосредно пред главниот судија да означи крај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

