Кошаркарите на македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром со пораз од домаќинот Широки Бријег (82-79) го завршија настапот во последниот балон од регуларниот дел од сезоната во АБА 2.
Уште од самиот старт нашиот шампион почна многу слабо и веќе по десет минути игра домаќините на овој балон имаа двоцифрена предност (25-15). Во вториот дел Широки Бријег само продолжи со одличната игра па на пауза замина со предност од петнаесет поени (46-31).
Македонскиот шампион одигра и лоша трета четвртина по која имаше негатива 70-51, па залуден беше последниот период во кој „металците“ конечно беа на своето ниво посебно во последните три минути. Широки имаше предност од плус деветнаесет (80-61), по што Васко Атанасов се одлучи да им даде шанса на младите. Тие одиграа одлично и на петнаесет секунди до крајот на мечот успеаја да стигнат на само минус три (80-77). Следуваше нова грешка на домаќините, но Делалиќ го промаши шутот за три поени, а на крајот домаќинот стигна до конечен триумф од 82-79. Марко Баковиќ со 16 поени беше најпрецизен кај нашиот шампион, додека кај победникот Мартин Јунаковиќ постигна 17 поени.
Со овој пораз аеродромци загубија голема шанса за минимум бараж во ова натпреварување, бидејќи токму денешниот противник е најдоброрангираниот несрпски тим во АБА 2. МЗТ регуларниот дел го заврши на петтото место со скор од 8 победи и 5 порази и во првата фаза од плеј-офот ќе игра токму против денешниот противник.
Останатите два македонски претставника, Пелистер и ТФТ го завршија својот настап сезонава во АБА 2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА