ТФТ влезе во нова серија на победи во домашното првенство откако на гостувањето кај Охрид во 21. коло славеше со 78-89 по дополнителни пет минути. До 14 победи во сезоната „црно-белите“ ги предводеше Виктор Ташовски кој пропушти шанса да го реши победникот во регуларниот дел, но со седум поени и две асистенции во продолжението ги осигура двата бода.
Отварањето на натпреварот го одбележа Охрид кој беше расположен во реализацијата за преднсот од 7-2, но ТФТ не дозволи рано противникот да стигне до висока предност. „Црно-белите“ ја зголемија агресивноста во одбраната па брзо се вратија во игра, а одбраната продолжи да биде фактор на средбата за само 14-11 по 10. минути игра. Сепак двата тима успеаја да се разиграат во продолжението од првото полувреме, а во играта во серии двата тима го менуваа водството, но резултатот беше изедначен (37-37) пред „големиот одмор“.
Скопјани успеаја да ја превземат иницијативата на отварањето на второто полувреме и благодарение на реализираните обиди за три поени да стигнат до двоцифрена предност од 48-59 на крајот на третата четвртина. Серијата на ТФТ на почетокот на последните десет минути го доведе тимот на Смилковски на највисоките +15 (48-63), но раното опуштање кај гостите го искористија Андерсон и Бруер кои од минута во минута ја топеа негативата. На Американците им се приклучи и Лионс кој со забивање на две минути и 15 секунди до крајот донесе преднсот за „сино-белите“ од 71-70 па следеше неизвесна завршница.
Во неа двата тима имаа шанса за победа, но грешките скапо ги чинеа. Не помогнаа загубените топки, избрзаните напади и нереализираните обиди од линијата за слобони фрлања па на крајот на регуларниот дел од натпреварот на семафорот стоеше резултат 72-72. Ташовски кој беше трагичар во регуларниот дел од средбата ја превзема одговорноста и во продолжението, поентираше и асистираше па ТФТ поведе со 72-81 со што на две минути и 19 секунди овој пат ги реши дилемите за победник.
Со 27 поени и 10 скокови лидер на Охрид беше Андерсон, а него го следеа Бруер и Лионс со по 22 поени на кои додадоа и 15, односно 18 скокови. 19 поени за ТФТ реализираше Ташковски, 17 поени и 8 скокови додаде Зафиров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА