Гвардиола остана без уште еден дефанзивец за дербито со Арсенал?

Од ден на ден се поголеми се главоболките на Пеп Гвардиола во оваа репрезентативна пауза, по најновата повреда што фудбалер на Манчестер Сити ја заработи при настап за својот национален тим. Проблемите се уште поголеми ако се знае дека прв меч за „граѓаните“ по репрезентативната пауза ќе биде дербито со лидерот Арсенал, што на програмата е в недела на „Етихад“.

Кајл Вокер повлече нога откако мораше да биде заменет во првото полувреме од дуелот Англија – Бразил, а последните информации говорат дека Мануел Аканжи исто така е повреден. Швајцарската Фудбалска Федерација потврди дека искусниот дефанзивец поради повреда предвреме го напуштил репрезентативниот камп. Се очекува тој најдоцна до утре да се врати во Манчестер, деталните прегледи ќе покажат колку ќе изнесува неговата пауза од терените, но првите прогнози велат дека повредата не е наивна и Аканжи речиси сигурно ќе го пропушти дербито со Арсенал.

Нешто подобра вест донесоа прегледите врз Кајл Вокер. Десниот бек има истегнување на мускулот на ногата, но деталните прегледи не покажаа дека проблемот е премногу сериозен. Вокер нема да тренира со тимот во следните два дена, но ако не дојде до компликации тој од петок ќе му биде на располагање на Гвардиола и ќе може да настапи на неделното дерби.

Се вчитува...