Младите загубија од Шведска за крај на надежите за ЕП 2025 (ВИДЕО/ ФОТО)

Младата репрезентација на Македонија загуби од Шведска со 0-2 на арената „Тодор Проески“ во шестиот свој натпревар од Групата Ц во квалификациите за ЕП 2025, со што реално ги загуби веќе сите надежи за место меѓу најдобрите на Стариот континент следната година.

Селекцијата на Драган Канатларовски не успеа да извлече позитивен резултат и покрај тоа што успешно парираше на фаворитот повеќе од еден час. На крај Швеѓаните триумфираа со головите на Росенгрен во 67. минута и на Вилхелмсон во 93. минута, со што останаа во трка за втората позиција на табелата.

Клучен момент на мечот, се чини сепак беше исклучувањето на Михаил Димитриевски на стартот од второто полувреме. Во 47. минута, директен црвен картон доби македонскиот десен бек по еден старт над Бергвал на половината од теренот. Кога сите очекуваа единствено жолт картон, главниот судија се одлучи да му додели директен црвен картон.

Сето тоа, во продолжението успеаја да го искористат гостите кои во 67. минута дојдоа до водство од 0-1 со голот на Росенгрен по еден негов шут од 20 метри и среќно одбиена топка во мрежата на Алчевски.

А, во последните секунди од мечот и Вилхелмсон стрелаше за конечна победа од 0-2.

Швеѓаните и во првото полувреме ја контролираа играта, со значително поголем посед на топка, но без некои изразити шанси умешно запрени од македонската одбрана.

На крај пресуди еден погодок за заслужени три бода на противникот.

 

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025 – ГРУПА Ц

МАКЕДОНИЈА – Шведска 0-2

Гибралтар – Грузија 0-2

Се вчитува...