Кошаркарскиот клуб Партизан по двегодишна пауза одново ќе се натпреварува во српското кошаркарско првенство, пренесуваат медиумите кај нашиот северен сосед, а оваа одлука на раководството на „црно-белите“ ја потврди и директорот на натпреварувањето, Александар Грујин.
„Партизан изнесе став дека ќе игра во Суперлигата. Црвена Звезда и Партизан се повластени и играат од полуфинале. Ќе се игра на две победи како и финалето и ќе се игра веднаш по крајот на АБА лигата со цел да се заврши првенството до 7. или 8. јуни за селекторот Пешиќ да има доволно време да ја подготви репрезентацијата за Олимписките игри“, изјави Грујин.
Претходните две години во КЛС, Партизан ги пропушти поради различни причини. Првата година причината беше рангирањето на тимовите по основ пласманот во АБА лигата, а во втората година постоеше проблем со регистрација на играчите. Во двете сезони шампионската титула ја освои Црвена Звезда.
Оваа најава значи дека белградските кошаркарски гиганти ќе водат уште една битка за титула во сезоната. Двата ривали се сретнаа во финалето од Купот на Србија, а очекувањата се дека меѓусебните дуели ќе го одлучат и шампионот во АБА и КЛС.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

