Филип Кузмановски во ноември 2023 година реши да ја напушти Бундес-лигата и да се врати назад во мак-ракометот. Од неколкуте понуди на маса тој ја избра онаа на Е. Пелистер, клубот во кој битолчанецот од мали нозе ја лансираше својата ракометна кариера.
Изборот е вистински, Кузмановски делува препородено, извонредно се снаоѓа во улогата на лидер на битолските фармацевти, предводејќи го овој тим во битките за одбрана на шампионскиот трофеј.
„Јас сум тука да преземам одговорност, но екипата е таа што ме прави за да бидам лидер. Се трудам да бидам посветен, живеам за ракометот и сакам да ја преземам таа лидерска улога. Враќањето во Битола беше вистински потег без никаков сомнеж, се чувствувам извонредно, одлично сум прифатен од сите. Сега засега се оди одлично, знаете дека тоа е мојот роден град, дека Пелистер е мојот матичен клуб, среќен сум што сум тука и од срце сакам да стигнеме до трофејот, сакам да славам титула со битолчани“, изјави Филип Кузмановски.
Македонскиот репрезентативец се осврна и на последниот триумф на гостински терен против Алкалоид, меч што „пелистерци“ го одиграа беспрекорно триумфирајќи на теренот на актуелниот вицешампион со дури десет гола разлика.
„Од првиот ден кога потпишав за Е. Пелистер реков дека имаме најквалитетна екипа од играчки аспект. Можеби некогаш ќе одиграме некогаш послабо, но секогаш се бориме, играме за нас и за цела Битола и против Алкалоид покажавме дека можеме да одиграме 60 минути во најсилен ритам. Честитки до целата екипа, буквално сите дадоа свој придонес за да славиме така убедливо против ривал како што е Алкалоид. Знаеме дека не е ништо готово, дека можеме да играме уште подобро и затоа мораме да работиме уште понапорно, за да ја оствариме целта и да се закитиме со титулата“, порача капитенот на Е. Пелистер, Филип Кузмановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА