Војдан Стојановски и сезонава е еден од главните мотори во играта на МЗТ Скопје, движечка сила во речиси сите напади, но и агресивен како пума кога се наоѓа во одбрана, покажувајќи им и на речиси двојно помладите како треба да се носи дресот на клубот за кој настапуваат.
Ветеранот, како и секогаш е оптимист во пресрет на утрешниот дуел против Широки (20 часот), прв од четвртфиналето од плејофот во АБА2, со напомена дека нему и на неговите соиграчи ќе им биде многу полесно да дојдат до целта ако ја имаат поддршката од до крај исполнетите трибини во „Јане Сандански“.
„Плејофот е посебно натпреварување во кое сe е можно. Добро го познаваме тимот на Широки. Знаеме дека треба да играме цврсто и агресивно во двата правци од теренот. Ако го сториме тоа и заедно со големата поддршка од нашите верни навивачи, која сигурен сум дека нема да изостане, тогаш може да се надеваме на триумф. Дојдете заедно да го победиме силниот противник“ – вели еден од браќата Стојановски.
Плејофот во АБА2 се игра во две средби на вкупен кош-количник, поради што е исклучително важно за МЗТ Скопје не само да дојде до победа туку и таа да биде изразена со што е можно поголема разлика. Влезот за утрешниот дуел е – БЕСПЛАТЕН.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА