Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва од 20 часот го пречекуваат Широки во првиот четвртфинален натпревар од плејофот во АБА2 лигата. „Металците“ пред своите навивачи во „Јане Сандански“ ќе бркаат победа со што поголема разлика како помирно би се дочекал реваншот во БиХ.
Свесни се сите во таборот на МЗТ Скопје за значењето на натпреварот, поради што неопходна е и поддршката од трибините. Плејофот во АБА2 се игра во две средби на вкупен кош-количник, поради што е исклучително важно за МЗТ Скопје не само да дојде до победа туку и таа да биде изразена со што е можно поголема разлика. Влезот за утрешниот дуел е – БЕСПЛАТЕН.
„Плејофот е посебно натпреварување во кое сe е можно. Добро го познаваме тимот на Широки. Знаеме дека треба да играме цврсто и агресивно во двата правци од теренот. Ако го сториме тоа и заедно со големата поддршка од нашите верни навивачи, која сигурен сум дека нема да изостане, тогаш може да се надеваме на триумф. Дојдете заедно да го победиме силниот противник“ – вели Војдан Стојановски пред денешниот дуел.
А, клубот подготвува и изненадување за навивачите кои ќе бидат присутни во „Јане Сандански“.
„Тројцата најсреќни навивачи ќе добијат мобилни телефони од најдобрата телекомуникациска компанија во државата, а од нивната шутерска прецизност ќе зависи и каков ќе биде подарокот. Првопласираниот ќе добие Xiaomi 11T Pro 8GB/128GB black, второпласираниот ќе добие Realme 9 Pro 5G 8/128GB black, додека третопласираниот телефон од марката VIVO Y 36 8/256G black. На паузата помеѓу првата и втората четвртина, во публика ќе бидат фрлаат десет маици со логото на нашиот спонзор, нумерирани со броевите помеѓу 1 и 10. Во паузата на полувремето, спикерот ќе повика тројца од десетте гледачи од трибините кај кои завршија фрлените маици. Тие потоа ќе шутираат пет слободни фрлања (носат по еден поен) и три тројки (носат по три поени). Резултатите ќе се забележуваат и соодветно на поените ќе следува рангирање, а потоа и распределбата на мобилните телефони. Доколку има изедначени поени, ќе се шутира по едно слободно фрлање додека не се дојде до победник“ – информираат од МЗТ Скопје Аеродром.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА