Ракометарите на Тиквеш прокнижија нови бодови во плејофот откако попладнево лесно стигнаа до триумф на гостувањето против Струга со резултат 22-29. Стружани се без ниту еден освоен бод во плејофот, а по последниот пораз на домашен терен од Пролет денеска повторно беа немоќни во обидот да стигнат до прва радост во оваа фаза од доигрувањето.
Дуелот беше израмнет само до 6-6, кога Тиквеш ја направи првата мини-серија, па избраниците на Стојановиќ со три гола во низа успеаја да се одлепат и да поведат со 6-9. До крајот на првото полувреме се играше егал, а откако на одмор се замина со 13-15 за Тиквеш, во вториот дел можеше да се проследи доминација на гостите од Кавадарци. Имено, Тиквеш со три брзи гола експресно поведе со 13-18, по што продолжи да доминира на теренот и набрзина стигна и до „плус седум“ (15-22). Кавадарчани имаа и најубедливи девет гола предност (17-26), за на крајот рутински да го приведат мечот до крај, за триумф со конечни „плус седум“.
Лазов и Мајиќ беа најефикасни во победничкиот тим со по пет погодоци, додека Александар Тренчевски со пет гола ги предводеше стрелците во таборот на Струга.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА