МЗТ покажа сила во „Јане Сандански“ и со голема предност ќе патува на реваншот кај Широки

Koшаркарите на актуелниот македонски шампион МЗТ Скопје Аеродром со убава предност од 85-69 ќе одат на реванш дуелот против Широки Бријег во Босна и Херцеговина во четвртфиналето од АБА 2 лигата.

Натпреварот почна израмнето. Ниту еден од двата тима не се одвои во првата четвртина, а по десет минути игра, македонскиот шампион имаше минимална предност од 18-17. Следеше фуриозен старт на гостите во вториот период, па со серија од (8-0) брзо стигнаа до највисоките плус седум (18-25) по што Васко Атанасов беше приморан да побара тајм-аут.

Продолжи лошата игра на аеродромци кои за шест минути во вториот период постигнаа само четири поени, а гостите за првпат стигнаа и до двоцифрена предност (22-32). До крајот на првото полувреме домаќините заиграа за нијанса подобро, па на пауза заминаа со четири поени негатива 37-41.

MЗТ маестрално го стартуваше второто полувреме откако го отворија со серија од 9-0 и со тоа повторно по првата четвртина се врати во водство (46-41). Нашиот шампион продолжи со одличната игра, па во 26. минута стигна до највисоките плус девет (54-45). До крајот на овој период домаќините успеаја да ја задржат предноста и пред последните десет минути да влезат со плус четири (58-54).

Аеродромци продолжија да го полнат кошот на противникот и во последниот период, па во 37. минута за првпат стигнаа до двоцифрена предност 74-63. До крајот МЗТ успеа да стигне и до највисоките плус шеснаесет со тројката во последната секунда на Војдан Стојановски (85-69). Токму Војдан со 21 поен беше прво име во таборот на победникот, додека Харис Делалиќ додаде 17 поени. Кај поразените Мартин Јунаковиќ беше најефикасен во 16 поени.

Реванш натпреварот кој ќе се игра во Босна и Херцеговина е закажан за следната среда.

Се вчитува...