Вардар многу потешко од очекувањата забележа нова победа во ракометниот плејоф откако „црвено-црните“ по големата битка славеа на гостувањето против Пролет со 20-21. По триумфот над Е. Пелистер се очекуваше „вардарци“ да имаат рутинска задача, но Пролет ги изненади со одлично издание. Домаќините голем дел од мечот одиграа со голем број млади играчи на теренот, но и со таков состав му се спротивставија одлично на големиот фаворит, кој дури во 60. минута се одлепи на „плус два“ и ја осигура победата.
Дуелот донесе неочекувано слаба ефикасност на двете страни во второто полувреме, од што профитираше состаот на Пролет. „Вардарци“ поведоа со 2-4, домаќините израмнија преку Арсеновски и Палевски, по што подолго време се играше „гол за гол“. При 6-6 двата тима промашија по еден пенал, како и уште по неколку напади пред Мајнов да ја прекине серијата промашувања и да донесе минимално водство за домаќините. Вардар промаши три пенали во низа во првото полувреме, Пролет имаше 8-6 и напад во последната минута, но не само што не успеа да реализира, туку исклучување пред самиот крај на полувремето заработи Томислав Димковски.
Пролет подобро го почна и второто полувреме одлично отворајќи поведувајќи со 12-9. Вардар успеа да се врати, користејќи го исклучувањето на Петковски во 44. минута да влезе во серија и преку Срдановиќ да израмни на 13-13. Домашниот тренер Јовиќ реши да им даде шанса на помладите ракометари против реномираниот ривал, а тие ја оправдаа довербата одржувајќи минимална предност, па Пролет во последните 10 минути влезе со предност од 16-15. Недановски имаше за што да им приговори на своите избраници, па тренерот на Вардар побара тајмаут во 53. минута при водство на противникот од 17-16.
„Црвено-црните“ набрзина влегоа во ритам, па домашниот тренер Јовиќ зеде тајмаут при минимална предност од 17-18 за Вардар. Младиот состав на Пролет целосно парираше до 58. минута израмнувајќи на 19-19, пред Јасихура со извонредна соло-акција да донесе водство од 19-20. Пролет го промаши нападот за израмнување, по што Срдановиќ во последната минута стави печат на победата. Пролет преку Арсеновси намали на 20-21, но Вардар рутински ја задржа топката во последните дваесетина секунди и стигна до значајни бодови со кои остана во игра во трката за плејофот.
Јапонецот Јасухира со шест погодоци беше предводник на Вардар, пет постигна Срдановиќ, додека кај Пролет најефикасни беа Стојановски со пет и Василевски и Палевски со по три погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА