Со комплетирањето на денешното последно коло и официјално беше означен крајот на првиот дел од Евролигата, по што се познати и сите двојки за доигрувањето кое ќе ги даде четири патници на фајналфор турнирот од елитното европско натпреварување.
Новина од оваа сезона е воведувањето на плејин натпреварување за екипите кои се најдоа од седмото до десеттото место (Макаби, Басконија, Ефес и Виртус) кои ќе играат за два билета за плејофот. Според пропозициите, Макаби ќе ја пречека Басконија, а победникот од овој меч ќе биде седморангиран и во четвртфиналето ќе се сретне со Панатинаикос.
Поразениот пак, ќе има уште една шанса да се најде во плејофот, со дуел против победникот од мечот меѓу Ефес и Виртус Болоња (екипи кои се на 9. и на 10. место). Победникот од овој дуел (поразениот од 7-8 против победникот од 9-10) ќе биде осморангиран и во четвртфиналето ќе игра серија против Реал Мадрид, кој како првопласиран го заврши лигашкиот дел.
Монако како треторангиран во четвртфиналната серија ќе ја има предноста на домашен терен против Фенербахче, додека Барселона ќе ја отвори пред своите гледачи серијата од четвртфиналето против актуелниот европски вицепрвак Олимпијакос.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА