Лацио без многу проблеми ја совлада Салернитана со 4-1, но навивачите на римскиот клуб беа шокирани по мечот откако Луис Алберто пред камерите на „ДАЗН“ јавно објави дека е решен да си замине од „Олимпико“.
Шпанецот е еден од најдобрите фудбалери на Лацио со години наназад, има договор до јуни 2027, но јасно стави до знаење дека е решен да го напушти клубот чии бои ги брани од 2016 година, кога пристигна од редовите на Ливерпул.
„Веќе го замолив клубот да ми биде раскинат договорот.Веќе не сакам да земам ниту едно евро од Лацио. Мислам дека сега е вистински момент за разделба, клубот ми даде толку многу, но дојде момент да си заминам и да го отстапам своето место на други фудбалери“, објави Луис Алберто.
Шпанецот и во претходните години беше поврзуван со заминување, но на крајот секогаш остануваше во Лацио. Сепак, ваквото излегување во јавност е јасен знак дека Алберто овојпат делува цврсто решен да си замине, откако доцна синоќа на својот инстаграм профил објави и писмо до навивачите во кое ги објасни причините за барањето за трансфер.
Луис Алберто досега има настапено на 302 средби во дресот на Лацио, постигнувајќи 51 гол и 76 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА