Е. Пелистер без никакви проблеми со Бутел, Охрид потешко од очекувањата го доби „езерското дерби“

Ракометарите на Е. Пелистер без никакви проблеми триумфираа против Бутел со 30-22 на домашен терен, задржувајќи ја предност на врвот од табелата во Суперлигата на Македонија.

„Пелистерци“, без многу напор, целокупната задача си ја завршија уште во првото полувреме кое го добија со 14-9.

Во второто полувреме само рутински се одржуваше предноста за конечна победа од осум гола разлика. Филип Кузмановски беше најефикасен во победничкиот тим со пет гола, а Жарко Пешевски го заврши мечот со четири постигнати погодоци. Кај гостите Филип Николов постигна пет гола, а Јефтиќ и Крстевски постигнаа по четири гола.

Охрид многу потешко од очекувањата во драматична завршница го доби „езерското дерби“, триумфирајќи со 21-24 на гостувањето против Струга. Охриѓани на полувремето имаа негатива од 14-11, но успеаја да стигнат до пресврт. Во последната минута од средбата беше 21-22 на семафорот, а потоа охриѓани со два брзи гола во последните секунди ја осигураа победата.

Никола Јукиќ со 6 гола беше убедливо најефикасниот кај Охрид, а на стружани не им помогнаа ниту оние 9 гола на Мерис Бошњак.

За Охрид ова е седма победа во деветиот натпревар, наспроти и два порази, за трета позиција на табелата, заедно со Вардар. Е. Пелистер е на врвот со осум победи и еден пораз.

Се вчитува...