Ненад Димитријевиќ го одигра својот најдобар меч во кариерата, и тоа како што им доликува на најголемите играчи – македонскиот плејмејкер блесна кога беше најважно, во дуелот меѓу Уникс и ЦСКА Москва кој беше директна пресметка за првото место во пресрет на плејофот од ВТБ-лигата.
Димитријевиќ одигра фантастично, излудувајќи ги тренерот Рајковиќ и кошаркарите на ЦСКА кои не можеа да најдат начин да го запрат извонредниот плејмејкер, за кого сега нема дилема дека ќе го освои и МВП признанието за регуларниот дел од сезоната во ВТБ.
Бројките говорат најдобро, 40 поени, 9 асистенции, шест скокови за неверојатни вкупно 52 индексни поени, против ривал како ЦСКА Москва, сето ова е само доказ дека Димитријевиќ веќе ја прескокна со квалитет силната ВТБ-лига, па дојде ред од следната сезона да го гледаме и во елитното европско натпреварување, Евролигата.
Со вакви изданија, нема сомнеж дека Нено ќе има бројни понуди на маса летово да донесе уште една вистинска одлука за својата кариера, како што беше онаа од пред две години кога ја напушти Валенсија и се пресели во Уникс.
Во продолжение, видеото од неверојатниот меч на Димитријевиќ против ЦСКА Москва…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА