Македонскиот фудбалски второлигаш Скопје излезе со соопштение по мечот со Беса кој го загуби со 2-1. Клучниот гол домаќините на тој меч го постигнаа од пенал, кој и според судиската анализа на ФФМ бил непостоечки.
Од ФК Скопје велат дека би биле среќни само пеналот да бил грешка против нив на мечот со Беса.
Во продолжение ви го пренесуваме целото соопштение на ФК Скопје.
„Почитувани, ФФМ, Судијска организација на Македонија, медиуми и цела спортска фудбалска јавност. ФК Скопје трпеливо и одговорно ја чекаше судиската анализа за натпреварот ФК Беса – ФК Скопје одигран на 6.4.2024 кој заврши со победа на домаќинот од 2-1. Сега веќе,можеме да ги соопштиме и нашите видувања и забелешки во интерес на вистината, на она што се случуваше на фудбалскиот терен во село Врапчиште. Укажуваме на сите нерегуларности на натпреварот во име на точното информирање. Според прикажаната игра од страна на двете екипи, оние што имаа можност да го следат натпреварот во живо или преку видео стрим, можат да потврдат дека ФК Скопје прикажа квалитетна игра, модерен фудбал и беше поблиску до победата. Во најмала рака не заслужи да доживее пораз. Директен виновник што ФК Скопје не се врати со три или барем со еден бод беше судијската тројка предводена од главниот судија Миле Лазов и неговите помошници Зоран Ангелов и Ване Дупкаров. Изразуваме благодарност до судиската организација на Македонија за коректната анализа во однос на само еден спорен момент (досуден непостоечки пенал за домаќинот). Истовремено се прашуваме зошто не беа разгледани одлуките на првиот помошен судија кој во два наврати сигнализираше непостоечка офсајд позиција, во момент кога фудбалери на ФК Скопје беа во позиција да постигнат гол. Со тоа да го зголемат водството и ФК Скопје да ги освои трите бодови. Го потенцираме и исклучително нееднаквиот критериум при доделување на жолти картони од страна на главниот судија. Додека нашите фудбалери, Жоглев, Ристевски, добија жолти картони во дуели во кои немаа никаков контакт со противнички фудбалери, играчите на ФК Беса за прикажаните боречки зафати и удирање без топка на нашите фудбелери не добија ниту усна опомена. ФК Скопје прв пат реагира од почетокот на првенството иако многу судиски одлуки беа на наша штета. Сметавме дека тие се ненамерни и нетенденциозни иако ФК Скопје беше оштетен и загуби бодови со кои можеше да се најде во горниот дел на табелата. Тоа беа натпреварите со ФК Пелистер,ФК Детонит, ФК Кожув, ФК Осогово, ФК Победа… Но, после овој судиски грабеж се прели чашата, реагираме затоа што го почитуваме трудот на управата која во овие тешки времиња обезбедува средства за непречено функционирање на клубот. Затоа што го почитуваме трудот и пожртвуваноста на фудбалерите на ФК Скопје и со единствена цел ваков судиски грабеж да не се повтори и да биде соодветно санкциониран. ФК Скопје досега и до крајот на првенството ќе игра цесно против сите спортски противници. Ќе се бори спортски за секој бод и ќе ги игнорира сите непристојни предлози од клубовите кои се борат за влез во ПМФЛ или од оние кои се борат за опстанок во лигата. Ние и понатаму ќе реагираме на секоја судиска неправда, фаворизирање на екипи или тенденција да бидеме оштетени. Се надеваме и очекуваме чесен и регуларен пристап во иднина од сите инволвирани фудбалски структури“, стои во соопштението на ФК Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА