Е. Пелистер е се поблиску до одбрана на титулата во домашниот ракометен шампионат, откако вечерва во 10. коло од плеј-офот со стил успеа да слави на жешкото гостување во Охрид со 22-29.
Актуелниот шампион на Македонија подобро го отвори натпреварот и веќе на самиот негов почеток успеа да се одлепи на плус два 1-3. Откако некој период охриѓани успеваа да парираат, во финишот на првиот дел избраниците на Бранче Ангелов за првпат стигнаа до плус четири 9-13, а на пауза заминаа со позитива од три гола 11-14.
Битолчани одлично го стартуваа и второто полувреме каде неверојатен на голот беше Калифа Гедбан кој набрзина собра пет интервенции па во 42. минута за првпат стигнаа и до позитива од шест гола 14-20. Следуваше нов одличен период на гостите, а тоа што беше Гедбан на голот, тоа беше Филип Кузмановски во нападот кој со својот деветти гол донесе предност и од плус осум за својот тим 15-23, по што Стевче Алушовски мораше да побара тајмаут.
Ниту минутата пауза не им помогна на домаќините, бидејќи „пелистерци“ продолжија да го мелат противникот, а во 51. минута за првпат стигнаа и до двоцифрена предност 16-26. До крајот Е. Пелистер само рутински го приведе мечот за конечни 22-29.
Филип Кузмановски со 10 гола беше убедливо најдобар поединец во победничкиот табор, додека кај поразените Гал Цицар заврши со шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА