Ракометниот клуб Вардар продолжи со засилувањата за престојната сезона. Денеска клубот го официјализираше потписот со Томче Стојановски кој по седум години повторно ќе го носи „црвено-црниот“ дрес.
Стојановски кој важи за одличен одбранен играч потекнува од младинската школа на Вардар, настапуваше и за вториот тим на скопскиот гигнат, но сениорската кариера ја продолжи во Бутел со кој стекна и искуство на интернационалната сцена.
Стојановски не го крие задоволството од враќањето во Вардар и најави макотрпна работа за исполнување на клупската цел – освојување на трофеи.
„Потекнувам од школата на Вардар и секако ми годи оваа покана. Не се двоеумев многу. Ги минав сите млади категории во овој клуб, и среќен сум што клубот ме следеше во претходните сезони, а јас со своите настапи им го привлеков вниманието. Конкуренцијата во Вардар е голема, но јас сум подготвен за борба, и знам дека секоја конкуренција е добредојдена. Сакам да освојувам трофеи со Вардар, и убеден сум дека овој тим тоа го може. Едвај чекам да почнам да тренирам и играм со моите нови соиграчи“, изјави Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА