Ново признание: Новак Ѓоковиќ, најдобар светски спортист за 2023 година

Новак Ѓоковиќ ја продолжува жетвата на индивидуални признанија откако најдобриот светски тенисер денеска ја доби главната награда на церемонијата „Лауреус“ на која традиционално се наградуваат најголемите спортски достигнувања за секоја календарска година.

Ѓоковиќ беше избран за најдобар светски спортист за 2023 година, апсолутно заслужено ако се знае дека Србинот лани стигна до три гранслем трофеи, стигнувајќи до бројката од неверојатни 24 пехари од најсилните турнири во својата кариера. Тој во финалниот избор за ривали ги имаше Арманд Дуплантис, Ноа Лајлс, Лео Меси, Ерлинг Халанд и Макс Ферстапен, но српскиот тенисер доби најмногу гласови и со овации беше поздравен од присутните на гала-вечерата во Мадрид.

Наградата на Новак му ја врачи неговиот добар пријател, НФЛ-легендата Том Брејди, а ова е петти „Лауреус“ трофеј за Ѓоковиќ (по 2012, 2015, 2016 и 2019 година), со што се израмни со Роџер Федерер на врвот на листата најтрофејни спортисти кога станува збор за ова признание.

Од останатите признанија, Џуд Белингем беше избран за „откровение на годината“, при што наградата му ја врачи ланскиот добитник Карлос Алкараз. Женската фудбалска репрезентација на Шпанија ја доби наградата за најдобра екипа за освоената титула на ланскиот мундијал, додека фудбалерката Аитана Бонмати беше избрана за најдобра светска спортистка за 2023.

Гимнастичарката Симон Бајлс беше наградена за камбек на годината, додека Рафаел Надал доби признание за извонредната работа на неговата хуманитарна организација, која помага на над 1.000 деца од Шпанија и од Индија да го исполнат својот потенцијал.

Се вчитува...