Рубен Аморим го мина вчерашниот ден во Англија, но не на преговори со Ливерпул како што беше најавувано во изминатиот период. Португалскиот стратег разговараше со челниците на Вест Хем, кои испратија приватен авион за да го доведат во Лондон, потоа минаа неколку часа убедувајќи го да го наследи Дејвид Мојес во текот на летово, по што тренерот на Спортинг се врати назад во Лисабон во текот на вечерните часови.
„Чеканите“ веруваа дека ќе успеат во намерата да го убедат Аморим на преселба во Лондон, но последните информации од Португалија го говорат спротивното. Младиот стратег останал неимпресиониран од состанокот што го имал со лондонскиот клуб, пред се од потенцијалот и можноста за дополнителен развој во силна лига како што е англиската Премиер-лига.
Втора рунда на директни разговори воопшто не е закажана бидејќи самиот Аморим увидел дека Вест Хем воопшто не е опција за него во моментов и решил да се фокусира на останатите варијанти. Една од нив е останување на чело на Спортинг, но како опција останува и Ливерпул, кој се уште е во потрага по врвен тренер како наследник на Јирген Клоп. Португалските медиуми објавија дека Аморим преку својот агент барал тригодишен договор за плата од десет милиони евра по сезона плус бонуси, понудата на „црвените“ била околу 30% пониска, па челниците на англискиот клуб се уште не побарале нова средба на која би се обиделе да најдат заеднички јазик за да го доведат Португалецот на „Енфилд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА