Партизан допрва го очекуваат клучните битки за титулата во АБА-лигата, но управата на „црно-белите“ веќе почна и со кроење на тимот за наредната натпреварувачка сезона.
Приоритети се два, и тоа засилувања за центарската и за плејмејкерската позиција, каде Партизан не реагираше најсоодветно сезонава, не успевајќи да ги надополни заминувањата на Матијас Лесор и на Данте Егзум.
Нов центар е нешто на што тренерот Обрадовиќ инсистира, а на врвот на листата со желби се наоѓа Серж Ибака. Искусниот шпански центар се врати назад во Европа по долгата авантура во НБА-лигата и сезонава е меѓу најдобрите поединци во тимот на Баерн Минхен. Тој има просек од 12,6 поени и 6,8 скокови по натпревар во Евролигата за баварскиот гигант, но договорот со Баерн му истекува летово, а Ибака сериозно размислува за нов предизвик во кариерата.
Партизан будно ја следи ситуацијата и следниот месец (штом стане јасно дали ќе биде дел од Евролигата и во 2024/25) ќе ги интензивира преговорите со овој одличен кошаркар, за кој нема сомнеж дека би бил еден од лидерите на „црно-белите“ во наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА