Барселона се наоѓа многу блиску до билет за фајналфор турнирот од Лигата на шампионите во Келн откако каталонскиот гигант славеше на гостувањето против ПСЖ со убедливи 22-30 „Светците“ влегоа во криза во клучниот дел од сезоната, па по поразот од Нант во Купот на Франција тимот на Раул Гонзалес денеска повторно потфрли, не успевајќи да го најде лекот за каталонскиот гигант.
ПСЖ и Гонзалес имаат за што да жалат ако се знае дека во првото полувреме делуваа како да имаат целосна контрола над играта и резултатот, на одмор заминувајќи со предност од 14-11. Тоа беше се од францускиот првак на овој меч бидејќи во второто полувреме можеше да се проследи апсолутна доминација на гостите од Каталонија. Одбраната на Барса функционираше беспрекорно и им дозволи на домаќините да постигнат само осум гола, а во нападот блесна и младиот Цикуша, кој одличното издание го круниса со гол во празна мрежа во последните секунди за преубедливи 22-30 за Барселона.
Паличка имаше 12 одбрани на голот на ПСЖ, но и тоа беше премалку да се избегне убедлив пораз. Сипжак со седум гола беше најефикасен во поразениот тим, додека најдобри поединци кај Барселона беа Мем со седум и Ричардсон и Фраде со по шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА