Тиквеш прокнижи нови бодови во ракометниот плејоф на Македонија откако кавадарчани славеа на денешниот меч на домашен терен над Бутел со резултат 28-23. Избраниците на Раде Стојановиќ во првото полувреме се мачеа да го скршат отпорот на противникот, но затоа во вторите 30 минути тоа им појде од рака, па рутински стигнаа до нова плејоф-победа.
Гостите од Скопје изненадија откако подобро го отворија мечот, имајќи и предност во голем дел од првото полувреме. Бутел имаше 5-7, потоа и 7-9 и 10-12, но Тиквеш предводен од Мијатовиќ подобро го заврши првото полувреме, постигнувајќи три гола во серија и на одмор заминувајќи со минимално водство од 13-12. Гостите парираа само до 15-14, кога Тиквеш набрзина направи серија од 5-0, успевајќи да се одлепи резултатски и потоа без многу мака да ја одржува удобната предност се до конечната победа.
Срѓан Мијатовиќ беше главен играч на овој натпревар со десет гола предводејќи го Тиквеш, четири постигна Коцев, додека Јефтиќ со седум погодоци беше прв стрелец на Бутел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА