Пелистер стигна до почетно водство од 1-0 во полуфиналната серија против Работнички откако битолчани со извонредна игра славеа на отворањето на гостински терен со убедливи 63-86. „Центарци“ ја имаа улогата на благи фаворити поради одличната серија во која овој тим се наоѓаше од почетокот на оваа 2024 година, но битолчани го одиграа најдобриот овосезонски натпревар и покажаа дека се решени да стигнат и до третото плејоф-финале во низа.
Избраниците на Дарко Радуловиќ уште во првата четвртина го контролираа резултатот, Работнички успеваше да парира, но со поените на Маслинко битолчани по десет минути игра имаа предност од 18-24. Во вистински момент за Пелистер проработе шутот од далечина со погодените тројки на Лука Стојановски, но Работнички не дозволи серијата на гостите да продолжи и на одмор се замина со водство на гостите од 35-41.
Вториот дел донесе уште поголема доминација на гостинскиот состав, поените на Планиниќ во 22. минута донесоа прво двоцифрено водство од 35-46, а како што одминуваше времето така и предноста на Пелистер се повеќе се зголемуваше. Одбраната на “зелено-белите“ беше извонредна во овој дел од мечот, Работнички постигна само 12 поени (12-26), па „пелистерци“ влегоа во последните десет минути со водство од 47-67. Победникот практично беше решен, но Пелистер не попушти со притисокот, гостите беа подобри и во завршните десет минути, на крајот славејќи со преубедливи 23 поени разлика (63-86).
Јуре Планиниќ со 16 поени беше најефикасен во победничкиот тим, 15 поени постигна Маслинко, а 14 Мијовиќ. Во таборот на Работнички најпрецизни во оваа катастрофална средба беа Рикиќ со 16 и Џелетовиќ со 11 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА