Рубиалес не смее да ја напушти Шпанија без дозвола

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Шпанија, Луис Рубиалес кој е еден од обвинетите за корупција во тамошната федерација ќе мора да се појавува пред Судот, а за секое напуштање на Шпанија ќе мора да добие дозвола, пресуди Судот во Мадрид на денешното рочиште.

Рубиалес доби наредба „да се појавува пред Судот еднаш месечно, онолку пати колку што од него ќе биде побарано“, а мора и да дава детални информации за датумите на напуштање на државата, датумот на враќање и адресата за престој во периодот кога не е во Шпанија доколку сака да добие дозвола за напуштање на државата.

Судот во Мадрид води истрага од јуни 2022 година, а Рубиалес е еден од осомничените за корупција, несовесно и нелегално раководење со фудбалската федерација. Еден од случаите кои ги разгледува Судот е и договорот со поранешниот фудбалер на Барселона, Џерард Пике и неговата фирма „Космос“ за преселба на Суперкупот на Шпанија во Саудиска Арабија вреден 120 милиони евра.

 

Се вчитува...