Веќе нема дилема околу Арне Слот и неговата преселба на клупата на Ливерпул на крајот од сезонава, а холандскиот стратег веќе им ја соопштил на своите нови работодавци својата прва желба кога станува збор за засилувањата во текот на летниот преоден рок.
„Црвените“ се во потрага по нов дефанзивец, но новиот тренер инсистира да му биде доведен и уште еден фудбалер за врска, и тоа играч кој е запознаен со неговиот стил на игра. Станува збор за плејмејкерот на Аталанта, Теун Копмајнерс, кој блескаше за овој тим во двомечот од Лигата на Европа против Ливерпул и докажа дека е подготвен за нов чекор напред во кариерата.
Копмајнерс играше под водство на Слот во АЗ Алкмар, токму како предводник на овој тим привлекувајќи го вниманието на неколку европски гиганти. Од бројните понуди тој ја избра онаа на Аталанта како идеална за негов натамошен развој, но Копмајнерс сега се чувствува подготвен за преселба во европски гигант и решен е летово да си замине од Бергамо.
Јувентус и Наполи покажуваа сериозен интерес за него, но преселбата на Слот на „Енфилд“ ја менува ситуацијата бидејќи холандскиот играч за врска е загреан повторно да заигра за човекот кој му помогна да си ја лансира кариерата. Вредноста од окоу 50 милиони евра не би требало да е проблем за Ливерпул, но „црвените“ во тој случај би требале да продадат барем еден од бројните играчи за врска што ги имаат во ротацијата во моментов.
Тијаго Алкантара ќе си замине како слободен играч на крајот од сезонава, а не се исклучува можноста за заминување на Куртис Џонс или Рајан Гравенберх, ако пристигне интересна понуда за еден од овие двајца млади и перспективни фудбалери.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА