Мајсторка ќе го решава вториот патник од Втората во Првата кошаркарска лига на Македонија откако Маџари славеше во вториот меч од серијата со Шкупи (81-70), израмнувајќи на 1-1 во овие полуфинални пресметки. Тимот на Перо Блажевски беше подобар во текот на целиот меч и заслужено славеше, а интересно е што најдобри поединци беа двајцата синови на тренерот на Маџари, Карло и Паоло Блажевски.
Маџари доминираше од самиот почеток, уште во првата четвртина стигнувајќи до двоцифрени 26-16. Шкупи успеа да намали на 40-34 на крајот од првото полувреме, но тоа беше се што тимот на Тони Симиќ успеа да стори на овој меч. Маџари ја презеде контролата во третиот период, стигнувајќи до „плус 13“ (59-46), за рутински да го приведе мечот до крај и да се избори за мајсторка.
Карло Блажевски беше најдобриот поединец на овој натпревар, реализираше 30 поени, неговиот брат Паоло Блажевски додаде 19, Тодоровски 11, а капитенот Милков уште 10 поени за екипата победник на овој меч.
Кај Шкупи, Димитровски беше стрелец на 25 поени, а двоцифрен број на поени на овој натпревар даде само уште Двојаковски – 10.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА