Филип Јиха не го криеше воодушевувањето откако неговиот Кил во голем стил стигна до билет за фајналфор турнирот во Келн. „Зебрите“ имаа негатива од девет гола по првиот меч во Монпелје, беа отпишани во пресрет на реваншот, но одиграа меч за паметење во својата арена и со триумф од десет гола разлика се пласираа на завршниот турнир од Лигата на Шампионите.
Чешкиот стратег по мечот им честиташе на своите ракометари за големата победа, а со голем почит говореше и за својот ривал од спротивната страна, Патрис Канаје, кој по долги години летово ќе го напушти кормилото на Монпелје.
„Жал ми е за Патрис Канаје, тој е мојот тренерски идол, знам дека му е тешко во моментов, но сакам од срце да му честитам за се што направи во својата неверојатна кариера. Одигравме меч за паметење, си докажавме самите на себе и на сите други дека сме голема екипа, екипа што се бори до самиот крај и никогаш не се откажува. Не ни беше лесно во претходните денови, но секогаш верувавме во вакво чудо. Благодарност до моите ракометари, но и до навивачите, ја чувствувавме нивната верба во нас“, изјави Јиха.
Покрај Кил, учесници на завршниот турнир од Лигата на Шампионите во „Ланксес Арена“ во Келн ќе бидат и Магдебург, Барселона и Алборг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА