Кошаркарите на Работнички израмнија на 1-1 во полуфиналната серија во шампионатот на Македонија, откако вечерва во вториот натпревар од серијата против Пелистер на домашен терен славеа со 75-69.
Најтрофејниот кошаркарски клуб одлично го отвори натпреварот во фазата на одбрана откако на противникот не му дозволи поени во првите две минути (5-0). Првите поени за гостите беа дело на Андреј Магдевски во третата минута за (5-2). Центарци продолжија одлично па по пет минути игра првпат стигнаа до двоцифрена предност (14-4), по која гостинскиот тренер Дарко Радуловиќ мораше да го повика првиот тајмаут.
До крајот на првата четвртина избраниците на Самарџиев успеаја да го исконтролираат резултатот и на првата пауза да заминат со позитива од девет поени 27-18. Битолчани беа подобар противник во вториот период. Одиграа одлично во одбраната каде на противникот за шест минути му дозволија само три поени, па во 16. минута успеаја да стигнат до реми 33-33. Сепак, домашните заиграа подобро до крајот на првиот дел па на пауза меѓу двете полувремиња заминаа со плус осум 43-35.
Во третиот период ниту еден од тимовите не успеа да направи некоја поголема серија, па центарци во последните десет минути влегоа со позитива од пет поени 62-57. Во следниот период се играше кош за кош, па на пет минути до крајот домаќините влегоа со предност од четири поени 70-66. До крајот избраниците на Самарџиев успеаја да го задржат водството и на крајот да стигнат до конечен триумф од 75-69.
Роберт Рикиќ беше убедливо најдобриот поединец во таборот на победникот, завршувајќи го мечот со дабл-дабл учинок од 22 поени и 14 скока, а одличен беше и Бобан Стајиќ кој заврши со 15 поени. Кај поразените единствен расположен беше Јуре Планиниќ кој мечот го заврши со 23 поени и седум скока. Третиот натпревар од серијата ќе се игра во Битола на 9. мај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА