Пелистер не успеа да слави и на вториот меч во СРЦ Кале на гостувањата против Работнички во полуфиналето од плејофот, откако „центарци“ по голема битка успеаја да стигнат до триумф и израмнување на 1-1.
Според гостинскиот тренер Дарко Радуловиќ, за поразот на неговиот тим клучни беа два фактора, скок-играта и слабиот шутерски ден на „пелистерци“.
„Мислам дека во почетокот влеговме поблаго, со недоволен интензитет во одбраната и Работнички го искористи тоа за да се одлепи во раната фаза од мечот. Клучен фактор беа нивните скокови, се друго беше во некаква контрола, но тие имаат десет скока повеќе и тоа се покажа пресудни. Ние имавме и слаб шутерски ден, на крајот пресуди еден шут, една погодена тројка со која се одлепија на крајот и стигнаа до победата“, изјави Дарко Радуловиќ.
Тренерот на битолчани е оптимист дека неговиот тим ќе успее да триумфира на двете следни средби што ќе ги игра на домашен терен и на тој начин Пелистер ќе стигне до трето финале во низа.
„Верувам дека можеме да славиме на двете средби на домашен терен, пред нашите верни навивачи. Тоа е заедничка желба на сите, да славиме со 3-1 и да се пласираме во големото финале“, оптимист е стратегот на „пелистерци“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА