ПСЖ ќе брка негатива од еден гол на вечерашниот реванш од полуфиналето во Лигата на Шампионите, во обид „светците“ да стигнат до своето второ финале во елитното европско натпреварување.
Поразот од 1-0 на првиот меч во Дортмунд го става францускиот првак во незгодна ситуација, но тренерот Луис Енрике е убеден дека по четвртфиналниот триумф над Барселона неговиот тим вечерва ќе одигра уште еден перфектен европски натпревар.
„Тоа е нашиот стил на игра, играме со топка од дефанзивците, во обид сигурно да ја донесеме до напаѓачкото трио. Исто така, напаѓачите помагаат во фазата на одбрана, имаме одличен колектив и секој го дава својот придонес. Против Барселона бевме мирни и кога резултатот не ни одеше во полза, мораме да сме подготвени за сите варијанти, да знаеме како да реагираме, тоа е еден од клучните аспекти пред ваквите натпревари. Некогаш мечот трае 90 минути, некогаш 120, мораме да знаеме што правиме во секој момент. Против себе имаме тежок противник, но јас верувам во мојот тим“, изјави Луис Енрике.
Килијан Мбапе не беше на највисоко ниво на првиот дуел во Дортмунд, но Енрике не крие дека очекува францускиот голгетер да блесне вечерва на „Паркот на принцовите“.
„Секој натпревар е различен, секој противник го брани различно просторот, особено против играчи како Килијан Мбапе. Јас не сакам моите напаѓачи да ја бараат топката на средината од теренот, напротив, сакам Мбапе да ја добие топкта онаму каде што е најопасен, каде што може со еден потег да го реши натпреварот. Јасно е дека противниците нема да го остават сам на десет метри од нивниот гол, ќе сакаат што повеќе да го оддалечат од шеснаесетникот, наше е да создадеме ситуации во кои Мбапе во добра позиција ќе ја има топката во свој посед“, истакна стратегот на ПСЖ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА