Македонската ракометна репрезентација вечерва од 20 часот на гостински терен против Фарските острови ја очекува првиот дуел од двомечот за пласман на Светското првенство 2025.
„Црвено-жолтите“ повеќе од една деценија се редовни учесници на сите големи ракометни натпреварувања, серија што избраниците на Кире Лазаров ќе се обидат да ја продолжат и со успех на овој двомеч со Фарските Острови.
Еден од најдобрите македонски ракометари, Филип Кузмановски е свесен дека Македонија ја чека тешка задача против незгоден противник, но сите во тимот се подготвени повторно да се пласираат на големо натпреварување.
„Сите многу добро го знаеме квалитетот на Фарски Острови. На последното европско првенство сите видовме за каква селекција се работи, знаеме дека играме против квалитетен и доста незгоден противник. Сепак, желбата да ја претставуваш својата земја на голем турнир како СП, мотивацијата, тимската хемија односно подршката меѓу нас во тимот, подршката од публиката се најважните работи кога се во прашање вакви елиминациски натпревари. Затоа мислам дека предноста е на наша страна, и согласно искуството од вакви дуели“ – вели Кузмановски, дополнувајќи дека позитивно за нашиот состав е што во стручниот штаб се вклучува и Стојанче Стоилов.
„Тоа што го имаме и Столе покрај нас сега, а сите знаеме кој е Столе и каков карактер е, е многу позитивен момент за сите нас. Затоа заедно сите, на чело со селекторот и неговото големо искуство од вакви натпревари, веруваме дека можеме да ја поминеме оваа пречка и да се радуваме на пласман на Светско првенство“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА