Македонија во катастрофален натпревар загуби со 34-27 на гостувањето против Фарските Острови во првиот бараж дуел од двомечот за пласман на ракометниот мундијал во 2025 година. „Црвено-жолтите“ беа далеку од посакуваното ниво, одиграа катастрофална одбрана, имаа и долги кризни периоди во нападот, па со огромна негатива ќе се соочат со „невозможна мисија“ на реваншот во Скопје, во обид да го одржат континуитетот од настапи на големите натпреварувања.
Загубената топка на Талески беше најава за катастрофалниот почеток на натпреварот, откако Фарските Острови за четири минути стигнаа до водство од 4-2, а набрзо потоа и до 6-2. Лазаров зеде тајмаут и тргнавме со седум на шест, но веднаш следеше грешка на Кузмановски за водство на противникот од 7-2. Лазаревски беше наше единствено расположено оружје во нападот, погодувајќи за 7-3, а Македонија беше подобар противник во наредните минути, кога намаливме на 7-5, а потоа и не искористивме пенал преку Филип Кузановски за 9-7.
Домаќините успеаја да се консолидираат и ја вратија сигурноста во нападот, со блокови на нашата зона креирајќи простор за одличниот Скипаготу. Водството на Фарските Острови се зголемуваше, домашната селекција поведе и со шест гола разлика (17-11), за со нешто подобра игра во завршницата и двата гола на Филип Кузмановски во последната минута од полувремето на одмор да заминеме со негатива од четири гола (18-14).
Вториот дел почна со по два гола на двете страни (20-16), но домаќините казнија нова наша грешка (престап на Пешевски) за набрзина да се вратат на најубедливите „плус шест“ (22-16). Јагуриновски постигна важен гол за Македонија, а потоа конечно одзедовме топка при седум на шест на противникот, по што Кузмановски стрелаше во празна мрежа, намалувајќи на 22-18. Митревски одбрани зицер, но потоа почетнички одигравме два анпада, а домашниот состав го искористи тоа за веднаш да се врати на шест гола предност (24-18).
Во 40. минута Фарските острови поведоа со најубедливи седум гола (25-18), при што Лазаров беше принуден да побара нов тајмаут. Катастрофалното издание во нападот продолжи со нови загубени топки, Македонија во следните пет минути не постигна гол, истото важеше и за противникот, но кога домашниот селектор побара тајмаут веднаш следеше реакција и брз погодок за предност на Фарските Острови од 26-18.
Серијата од речиси седум минути без погодок ја прекина Филип Кузмановски, но кризата во нашата игра продолжи, а проблемите се зголемија откако на десет минути до крајот останавме со двајца играчи помалку по исклучувањата на Велковски и на Лазаревски. Митев успеа да изнуди пенал што Костески го претвори во гол намалувајќи на 28-21, Митревски спречи зицер на спротивната страна, пред Митев да погоди уште еднаш за 28-22. Митев остана расположен во нападот до крајот, но затоа во одбранаа останавме катастрофални до самата завршница, не одговарајќи соодветно на тактиката „седум на шест“ на противникот, па Македонија сосема заслужено го загуби овој натпревар со убедливи 34-27.
Филип Кузмановски беше наш најефикасен ракометар со осум гола,пет постигна одличниот Митев, исто толку имаше и Никола Костески, а со четири гола без ниту едно промашување мечот го заврши Лазаревски. Во нападот целосно потфрлија Талески и Пешевски, кои не успеаја ниту еднаш да ја затресат противничката мрежа.
Реваншот е закажан за недела во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, Македонија во минатото знаела да се враќа од големи негативи, но за чудо неопходно ќе биде да се одигра далеку подобро против овој незгоден противник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА