Македонскиот репрезентативец Дарко Велковски нема да биде во комбинација за настап во редовите на Динамо Букурешт на неделниот натпревар од романскиот шампионат, по повредата која пред два дена ја заработи на тренингот на својот клуб.
Велковски игра во одлична форма во пролетниот дел од сезоната за Динамо Букурешт, по доаѓањето во клубот станувајќи и еден од клучните играчи на тимот со одиграни 16 натпревари и постигнат еден гол. Но, сега се чини нема да може да помогне на тимот до крајот на сезоната по повредата на тренинг.
„Дарко доби силен удар, по еден навидум нормален дуел на тренинг. Имаше силни болки по што беа реализирани медицински прегледи, по кои е јасно дека ќе мора да паузира најмалку две недели. Од понеделник ќе бидат направени нови тестови по што ќе биде позната и дефинитивната дијагноза“ – информираат од Динамо Букурешт.
Паузата од најмалку две недели, како што информираат од романскиот прволигаш, значи и без малку и неизвесно доаѓање на Велковски и на репрезентативниот собир кој е закажан за 27. мај. Како што е познато, Македонија на почетокот од јуни ќе одигра два пријателски натпревари, против Хрватска во Ријека на 3. јуни, и против Чешка во Прага на 10. јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА