Македонската ракометна репрезентација вечерва во 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе излезе на мегдан со селекцијата на Фарските Острови, во обид да ја надополни негативата од седум гола од првиот меч во Торшавн. Тоа беше еден од најслабите натпревари на нашиот национален тим во последните години, но во таборот на „црвено-жолтите“ се решени да дадат се од себе за грешките да бидат корегирани и да се обидат да ја надополнат негативата од 34-27.
Секако, значаен фактор би требало да биде и публиката, нашите ракометари секогаш имале огромна поддршка од трибините на домашните натпревари, а тоа ќе биде неопходно и вечерва ако се сака да се стигне до чудесен пресврт.
„Свесни сме дека ќе биде тешко, но кога имаме поддршка од трибините, пред нашите верни навивачи ништо не е невозможно. Ќе го оставиме срцето на терен за да стигнеме до убедлив триумф и билет за уште едно големо натпреварување“, порачуваат од македонскиот табор пред овој дуел.
Секако главен напредок е неопходен во одбраната, која функционираше катастрофално во Торшавн, не успевајќи да ги запре противниците ниту во „шест на шест“, уште помалку во „седум на шест“. Предизвикот е голем, но ако се неутрализира ова главно оружје на противникот, тоа може да донесе до голови во празна мрежа со што значително би се олеснила задачата на патот до убедлива победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА