Мајк Џејмс е изборот на Евролигата за МВП на регуларниот дел од сезоната на елитното европско натпреварување, беше обелоденето денеска на официјалната веб-страница.
Одличниот бек имаше извонредна сезона во дресот на Монако, но она што е интересно е што по неколку години пауза за МВП е избран кошаркар кој нема да биде дел од завршниот турнир што ќе се одржи во Берлин. Џејмс имаше одлична сезона во која стана и најдобар стрелец во историјата на Евролигата, помагајќи му на својот тим да забележи 12 победи во последните 13 средби од регуларниот дел од сезоната.
Сепак, Монако потклекна во четвртфиналето губејќи ја серијата со Фенербахче со 2-3 во драматичен финиш, по продолжение во мајсторката на домашен терен. Мајк Џејмс имаше просек од 17,9 поени по натпревар, надополнети со 5,1 асистенции и 4,1 скокови по меч во Евролигата.
Тој воедно беше избран како дел од идеалната петорка на елитното натпреварување заедно со Факундо Кампацо, Кендрик Нан, Матијас Лесор и Најџел Хејс Дејвис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА