Ракометарите на Е. Пелистер се први финалисти во Купот на Македонија откако во полуфиналната пресметка триумфираа со 29-33 против Тиквеш на Ф4 турнирот од најмасовното домашно клупско натпреварување кој се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
„Пелистерци“ сосема заслужено дојдоа до победата, и покрај тоа што Тиквеш во првото полувреме максимално парираше на големиот фаворит, доаѓајќи и до предност од 12-11 и 13-12 на пет минути пред крајот на првиот 30 минути. Но, Е. Пелистер со фуриозен финиш на првиот дел дојде до водство од 13-16 на полувремето.
Во ист стил битолчани го почнаа и второто полувреме, па во 33. минута имаа предност и од 14-18. Но, потоа следеше одлична игра на кавадарчани кои веќе во 40. минута успеаја да дојдат до израмнување од 20-20. Со нова серија „пелистерци“ повторно дојдоа до четири гола предност од 22-26, по што беше веќе јасно дека нема да се дозволи изненадување во СЦ „Борис Трајковски“.
Ова е четврто финале по ред за „пелистерци“ во Купот на Македонија. Радивојевиќ со 10 гола беше најефикасен во составот на Пелистер, а Мијатовиќ со шест гола пак го предводеше тимот на Тиквеш.
Во втората полуфинална пресметка од Купот на Македонија утре од 19:30 часот ќе играат Вардар и Алкалоид. Финалето е закажано за в недела (19. мај) од 19 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА